Виле Олива – Петровац на море

Hotel Vile Oliva u Petrovcu na moru okružen maslinjakom
Hotel Vile Oliva – Petrovac na moru, Crna Gora

Кога помислуваме на „all-inclusive“ одмор, првата асоцијација обично ни е Турција, а веднаш потоа Бугарија. Грција, за жал, многу ретко нуди ваков тип услуга. Тргнувајќи од тоа, летувањето во почетокот на октомври 2025 година во Црна Гора за мене беше вистинско откритие.

Петровац на море е дефинитивно моето омилено место на црногорското крајбрежје. Вистинско приморско гратче со прекрасно шеталиште. Нуди содржини за сечиј вкус — монденска атмосфера со ноќен живот, но и совршени плажи како во самиот град, така и во околината. Најдоброто е што до повеќето од нив се стигнува пеш за помалку од половина час.

По поранешните престојувања во приватни апартмани и во хотелот „Даница“, оваа година мојот избор беше хотелот „Виле Олива“. Локацијата му е совршена: лоциран во самиот центар, сè ви е на дофат. До познатата плажа Лучице има околу 15 минути лесна прошетка, додека до Перазича До се стигнува за 30-тина минути пешачење.

Хотелот работи по системот „all-inclusive“. На почетокот признавам дека бев скептична — навикната на високите стандарди на турските хотели, немав преголеми очекувања. Но, цената на Booking (благодарение на мојот Genius Level 2) беше неодолива: околу 650 евра вкупно за двајца, за цела недела во октомври 2025.

Панорамски изглед на хотелот Виле Олива во Петровац
Комплексот Виле Олива сместен во срцето на Петровац на море.

Што да очекувате од престојот?

  • Сместување: Самата соба беше сосем задоволителна. Иако бевме без поглед на море, тоа воопшто не ни сметаше бидејќи времето го минувавме надвор.

  • Храна и пијалоци: Храната беше на база на шведска маса со 3 главни оброци, ужини и неограничени пијалоци во текот на целиот ден (од кафе и сокови, до коктели, пиво, вино и жестоки пијалоци во кафетеријата). Храната често беше тематска (морска, медитеранска кујна…), а изборот беше голем и постојано се дополнуваше. Посебно ме воодушевија супите — супата од пченка беше вистинско откритие!

  • Амбиент: Хотелот е во совршен соживот со природата. Покрај главната зграда, вистинскиот шарм го имаат двокатните куќички опкружени со вековни маслинки. Некои маслинови стебла буквално растат низ самите тераси!

  • Старо маслиново дрво во дворот на хотелот Виле Олива

      Вековните маслинови дрва кои му даваат посебен шарм на комплексот.
  • Спа и релаксација: Комплексот нуди три надворешни базени, еден внатрешен затворен базен, џакузи и две сауни.

Љубезниот и секогаш насмеан персонал беше само точка на „и“. Доколку барате идеален спој на природа, одлична услуга и вистински одмор — имате моја искрена препорака за „Виле Олива“.