Кога станува збор за летување на црногорското приморје, еден од моите апсолутни фаворити е Петровац на Море. Ова шармантно гратче има посебна магија, но и специфична конфигурација која е добро да ја знаете пред да тргнете.
Паметно планирање: Позицијата на сместувањето е клучна
Градот е сместен на самото крајбрежје, веднаш под главната магистрала. Она што е огромна предност е што патот не минува низ самиот град, туку над него, што прави да се чувствувате многу побезбедно и поопуштено за време на вашите прошетки.
Сепак, целиот град е лоциран на угорнина, па затоа изборот на сместување е клучниот фактор за тоа како ќе го поминете одморот:
- Подолниот дел од градот: Одењето до плажа е брзо и лесно, но овде потешко ќе најдете сместување со отворен поглед кон морето.
- Погорниот дел од градот: Враќањето назад во сместувањето по цел ден поминат на сонце може да биде малку напорно, но затоа како награда ќе добиете спектакуларен поглед на синилото и на зајдисонцето.
Заборавете на автомобилот
Во центарот на градот постојат неколку релативно големи паркинзи. Во летниот период и шпицот на сезоната тие се наплатуваат, додека надвор од сезона паркирањето е бесплатно. Она што е најубаво при летувањето во Петровац е што можете да го паркирате автомобилот првиот ден и едноставно да заборавите на него – воопшто нема да ви биде потребен.
Сè што ви треба е на дофат на раката и достапно за 10 до 30 минути пешачење. Градот располага со добро снабдени маркети и убаво средени ресторанчиња. Интересна опција за оние кои претпочитаат приватно сместување е тоа што во дел од рестораните има можност за уплата на дневни оброци (пансионска исхрана), па така можете да ја комбинирате комоцијата на апартманот со безгрижноста на зготвената храна.
Плажи со кристална вода за сечиј вкус
Градската плажа е препознатлива по својот типичен црвенкаст песок и кристално чиста вода. Но, ако сакате малку да прошетате, Петровац нуди две прекрасни алтернативи:
- Плажа Лучице (од левата страна): На само 15-тина минути пешачење се наоѓа оваа позната плажа, скриена во прекрасно заливче. Опкружена е со шанкови и ресторанчиња каде што има одлична музика и опции за храна и пијалоци, а водата е беспрекорно чиста.
- Перазича До (од десната страна): На околу 30-тина минути споро одење се наоѓа оваа увала. Патеката до неа е вистинско доживување – се пешачи по самата брегова линија, низ борова шума и неколку тунели. Самата плажа е со покрупни камења, но исто така нуди прекрасен амбиент со шанк и добра музика.
Најубавото нешто во ова гратче се вечерните прошетки покрај обалата, односно шеталиштето. Возила не се дозволени во долниот дел на градот, и шеталиштето е сосема безбедно за шетачите. Ресторанчиња, продавнички со разновидна роба, сувенирници, но и изложбен протор, дискотеки… сето ова ке го најдете на шеталиштето.
Се на се, гратче кое едноставно ме мами да го посетите.
