Кога помислувате на одмор во стилот „all-exclusive“, првата асоцијација најчесто е Турција, а потоа Бугарија. Грција, за жал, многу ретко нуди ваков тип на услуга. Затоа, за мене, вистинско откритие и вистински бисер беше летувањето во почетокот на октомври 2025 година во Црна Гора.
Петровац на море е дефинитивно моето омилено место во Црна Гора. Тоа е вистинско приморско гратче, со прекрасно шеталиште покрај самото крајбрежје. Овде има простор за задоволување на сечиј вкус – тоа е монденско место кое нуди и ноќни забави, и прекрасни плажи во самиот Петровац, но и во неговата околина. Најдобриот дел е што повеќето плажи се достапни пеш за најмногу половина час.
Во минатото, имам летувано во Петровац и во апартмани, во приватно сместување, но и во хотелот Даница кој се наоѓа покрај самиот брег. Но, оваа година, мојот избор беше хотелот „Виле Олива“. Сместен во срцето на градот, од него е достапно речиси секое место во Петровац. До блиската плажа Лучице се стигнува за 15-тина минути лесно одење, а плажата Перазича До е на половина час пешки.
Овој хотел нуди сместување по принцип на „all-exclusive“. Признавам, првично бев малку скептична, поради високиот рејтинг кој го имаат турските хотели и едноставно сметав дека овој хотел нема да ги задоволи моите вкусови и не очекував премногу. Сепак, цената која ја добив преку сајтот на Booking (со мојот Genius Level 2) беше повеќе од прифатлива. Букиравме соба за двајца во првата недела на октомври 2025 година, за околу 650 евра вкупно за двајцата.
Сместувањето беше многу задоволително, без поглед на море, но секако не планирав да го поминам целиот одмор во соба. Храната беше на база на шведска маса, со вклучени три главни оброка, ужина и пијалоци во текот на целиот ден. Во кафетеријата, во секое време, беа достапни кафе, коктели, сокови, жестоки пијалоци, пива и вина.
Самата храна беше често пати и тематска, на пример – морска храна, па следната вечер медитеранска кујна… Изборот на свежо подготвени јадења беше огромен, со постојано дополнување на послуженото. Посебно ме воодушевија супите. Имаше разни видови супи за кои никогаш не би помислила дека можат да се подготват, а беа превкусни. Пример – супа од пченка, феноменална!
Самиот хотел е изграден во склад со природата. Во главната зграда имаше 3-4 спрата, со по десетина соби. Но, вистинскиот избор сепак беа малите апартманчиња во двоспратни згради, сместени веднаш до главната зграда. Насекаде околу нив имаше маслинови дрва, стари стотици години. Некои од маслиновите дрва буквално растеа низ терасите на некои од собите!
Самиот комплекс нуди три надворешни базени, еден затворен внатрешен базен во самата главна зграда, како и џакузи и две сауни – односно, сосем задоволителен спа комплекс.
Персоналот беше пријатен и љубезен, што дополнително допринесе за нашето целосно уживање во одморот. Затоа, доколку барате совршен баланс помеѓо природата, одличната услуга и вистинскиот одмор, ја имате мојата срдечна препорака за хотелот „Виле Олива“.
