Скокнете — не бидете сварена жаба!

Жаба во скок надвор од стаклен сад со вода како метафора за преземање акција и промена
Препознајте го вистинскиот момент и преземете акција пред да биде предоцна.

Има моменти во животот кога едноставно мора да се соочиме со реалноста и конечно да преземеме акција. Дозволете си го тоа.

Сигурна сум дека повеќето од вас веќе ја знаат познатата метафора за жабата, но вреди да се потсетиме на неа уште еднаш.

Ако ставите жаба во сад со ладна вода и полека ја загревате, нејзиното тело постепено ќе се прилагодува на зголемената температура. Таа ќе продолжи да се прилагодува сè до оној момент кога водата речиси ќе стигне до точката на вриење — точка која е смртоносна за неа.

Дури тогаш, жабата ќе посака да скокне надвор од садот и да се спаси. Но, тогаш го сфаќа најстрашното: повеќе нема сила. Целата своја енергија ја потрошила на постојано прилагодување и трпење на топлината. За жал, тоа за неа значи сигурен крај.

Што всушност ја убила жабата? Жешката вода? Не. Жабата умира поради сопствената неодлучност — поради неспособноста навреме да го препознае вистинскиот момент и да скокне надвор.

Колку често ние го правиме истото?

Исто како жабата, и ние луѓето постојано се прилагодуваме на секакви ситуации, луѓе, односи и околности. Но, тука мора да бидеме исклучително внимателни. Мора да научиме да препознаеме кога е доста! Кога тоа вечно „прилагодување“ и молчење почнува да ни ја цеди последната капка енергија — онаа сила што ни е најпотребна за да направиме промена и да се спасиме?

Мора да бидеме сигурни во своите граници. Да кажеме „стоп“, да донесеме цврста одлука и да си го поставиме прашањето: Како понатаму?

Одлучете и скокнете!

Не бидете прилагодливата жаба која полека изумира чекајќи подобри времиња. Доста се прилагодувавте за просто да преживеете. Време е да живеете!

Зачекорете напред.

Ќе кажете: „А што ако биде полошо?“

А што ако биде подобро? Што ако успеете во сите свои намери?