☕️ Пред да се излади кафето – Тошиказу Кавагучи
Дали некогаш сте посакале да го вратите времето назад? Само на кратко. Колку да кажете уште едно „те сакам“, да побарате прошка или да прегрнете некој што веќе не е тука?
Во една од оние тесни, скриени улички во Токио, постои едно необично кафуле по име „Фуникули Фуникула“. На прв поглед, тоа е само место со мирис на свежо мелено кафе каде што се преплетуваат судбините на навидум обични луѓе, поврзани толку блиску како да се семејство. Но, ова место крие тајна која се добива само еднаш во животот: можност да патувате низ времето.
Сепак, магијата доаѓа со строги, речиси невозможни правила. Мора да седите на точно одредено столче, не смеете да станете, и најважното – мора да се вратите во сегашноста пред да ви се излади кафето.

Она што најмногу фасцинира и боли во оваа приказна е најсуровото правило: Што и да направите во минатото, сегашноста нема да се промени.
Тука доаѓа она вистинското прашање кое Кавагучи ни го поставува на сите нас: Ако знаеш дека не можеш да го смениш исходот на нештата, кога сегашноста е веќе запишана во камен… поради која причина би се вратил назад? Што би кажал? Што би направил?
Иако книгата е мала по обем и се чита неверојатно лесно, јас едноставно одбив да ја „проголтам“ наеднаш. Сакав да го продолжам тоа чувство, па ја развлеков цели три дена. Сакав да уживам во секоја голтка од оваа приказна, многу подолго од траењето на една шолја неизладено кафе.
Ова е преубаво, несекојдневно четиво кое ќе ве натера да подразмислите за сопствените пропуштени моменти и за луѓето кои ви значат.
Огромна препорака од мене!

✨ А на вас, ви го оставам истото прашање:
Ако имате шанса да седнете во „Фуникули Фуникула“, во кој момент од вашето минато би се вратиле, дури и со знаење дека ништо нема да смените? ⬇️
